Изминатите неколку дена светските медиуми не престануваат да известуваат за огромно откритие – пронаоѓањето на континент стар неколку милијарди години.
Археолозите кои го проучувале островот Маурициус во Индискиот Океан, пронашле кристали кои биле исфрлени во вулканска ерупција на островот, а кои се „само“ неколку милијарди години постари од самиот остров. Тие се уверени дека овие кристали се дел од древниот микроконтинент кој бил познат под името Мавриција.
Се верува дека Мавриција, кој е познат како „изгубен“ континент, во минатото ги поврзувал Мадагаскар и Индија. Не постојат докази што се случило со него, но според информациите кои постојат денес, се верува дека бил потопен од Индискиот Океан пред околу 84 милиони години.
Најновите откритија се доказ дека Мавриција не е само мит и дека неговите остатоци се реалност.
Според Луис Ашол, еден од членовите на тимот кој ја открил Мавриција, Земјата е изграден од континенти кои се стари и океани кои се млади во однос на нив.
„Маурициус е остров и најстарата карпа тука не е постара од 9 милиони години. За време на истражувањето најдовме и циркон кој е стар скоро 2 милијарди години,“ истакна тој.
За островот Маурициус, кој е лоциран околу 2.000 километри јужно од Африка, се верува дека е формиран како резултат на големи подводни вулкански ерупции кои се случиле пред околу 8 милиони години. Пронајдениот кристал, пак се наоѓал во соголени карпести површини на островот кои биле целосно покриени со вулканска лава во времето коа се формирал островот.
Во пронајдениот материјал научниците наишле на мали циркони кои се покажало дека се стари неколку милијарди години.
Сето ова довело до неизбежниот заклучок – кристалите се дел од изгубениот древен континент Мавриција. Секако, нови, посеопфатни испитувања ќе има, и тоа уште во текот на оваа година. Што ќе покажат тие, останува да видиме.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот