Македонска опера и балет, со гордост најавува премиерни изведби на мјузиклот „Тајно моја„.
Првата изведба е вечерва, втората во недела и третата во вторник на 28 март. Сите претстави почнуваат во 20 часот. Како што претходно најавивме, вечерашната изведба е веќе распродадена, додека за претставите во недела и вторник во продажба се останати уште многу малку билети.
Антонија Гиговска во улогата на Ана и Дениз Димоски во улогата на Филип, брилираа на сцената на МОБ на вчерашната генерална проба. Несомнено, голема помош и поддршка во изминатите два месеци, колку што траеа подготовките за мјузиклот, добија од големите актерски имиња Весна Петрушевска, Игор Џамбазов (кои ги толкуваат улогите на таткото и мајката на Ана), потоа Дејан Лилиќ и Арна Шијак (таткото и мајката на Филип), Лазе Манасков, но и од режисерот на претставата Тони Михајловски.
Сцената во секоја слика изгледа многу моќно, симплистичката сценографија во комбинација со светлото и пиротехничките ефекти, прави да се чувствувате како да гледате мјузикл на некоја од сцените на театрите во светот. На секоја музичка изведба настапува и балетскиот ансамбл при МОБ, водени од кореографиот Олга Панго.
Одговорност што ја носи целиот креативен тим и раководството на МОБ, сега можеме да кажеме дека е исполнета во целост. Знаеме дека публиката има големи очекувања, и направивме дело со кое ќе ги задоволиме сите очекувања на публиката.
Како за секоја наша претстава, а и во духот на хуманитарната работа на нашиот Тоше Проески, МОБ во соработка со домовите за деца без родители, домовите за стари лица, и останатите институции за социјално загрозени лица, донираше по 100 билети за секоја изведба, со цел сите да можат да го погледнат ова наше дело.
Воедно, за месец април најавуваме уште две изведби кои ќе се одржат кон средината на месецот, а точните датуми заедно со висината на цената на билетите ќе ги соопштиме дополнително во текот на следната седмица.
За време на летниот закажана е турнеа со мјузиклот низ државите од поранешна Југославија, а од септември, во тек се преговори, да се одржи турнеа во западноевропските метрополи.
МОБ им благодари на сите учесници во мјузиклот, за сета енергија вложена во изработката на делото, но им благодариме и на сите покровители, како Министерство за култура и приватните стопаственици кои се одважија на нашиот повик за поддршка во реализацијата на овој спектакл.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот